Реал Мадрид го отпушти Чаби Алонсо, Алваро Арбелоа нов тренер на „кралскиот клуб“
12/01/2026 22:47
Реал Мадрид официјално ја прекина соработката со досегашниот тренер Чаби Алонсо, а на негово место е назначен Алваро Арбелоа. Одлуката доаѓа по поразот во финалето на шпанскиот Суперкуп од големиот ривал Барселона.
Алонсо седна на клупата на „кралскиот клуб“ летово, откако пристигна од Баер Леверкузен, но неговиот престој во Мадрид траеше кратко. Иако од клубот не ги наведоа официјалните причини за отказот, според шпанските медиуми, незадоволството од резултатите и тензиите во соблекувалната биле клучни фактори.
Како дополнителен проблем се посочуваат и недоразбирањата со ѕвездата на тимот, Винисиус Жуниор, што дополнително ја влошило ситуацијата во екипата.
Новиот тренер, Арбелоа, досега најчесто работеше со младинските селекции на Реал Мадрид. Како фудбалер, тој има богата кариера, настапувајќи за Реал Мадрид, Депортиво Ла Коруња и Ливерпул. Со шпанската репрезентација, Арбелоа освои титула светски првак и две европски титули, што му дава силен кредибилитет пред новиот предизвик на клупата на „Сантијаго Бернабеу“.





