Мицкоски за сведоштвото на Жан Митрев: Не ме изненадува, знаевме за мафијашките упади во време на претходната власт
18/01/2026 16:19
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е изненаден од јавното сведоштво на хирургот Жан Митрев, кој обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и СДСМ се обиделе да му ја преземат приватната клиника за време на ковид-кризата.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски оцени дека во периодот на вонредните состојби се случувале, како што рече, „мафијашки упади“, при што со уредби со сила на закон се „надсинхронизирале“ законите и Уставот.
„Тоа мене не ме изненадува. Знаевме какви мафијашки упади се случуваа, особено во периодот кога се носеше вонредната состојба и кога со уредби со сила на закон се надсинхронизираа законот и Уставот“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека во јавноста постојат бројни сведоштва за однесувањето на тогашната власт и додаде дека сè уште има уредби и одлуки донесени во тој период кои не биле разгледани во Собрание на Република Северна Македонија.
Мицкоски посочи дека треба да се отвори и прашањето за евентуална одговорност на поранешниот претседател Стево Пендаровски, бидејќи, како што рече, постојат основани сомневања дека дел од донесените одлуки биле спротивни на законите и на Уставот.
„Ќе видиме дали Обвинителството ќе постапува по допрен глас. Тоа е истото што го очекуваат сите граѓани во Македонија“, изјави Мицкоски, додавајќи дека нема дополнителен коментар, туку очекува институционална постапка.
Изјавата доаѓа по јавното обвинување на Жан Митрев, кој тврдеше дека во периодот на ковид-пандемијата имало обиди за преземање на неговата приватна здравствена установа, што повторно ја отвори дебатата за одлуките и политиките на тогашната власт за време на вонредната состојба.






