Дарко Митровиќ го фати Чесниот крст во Вардар – илјадници верници на Водици во Скопје
19/01/2026 13:48
Денешното одбележување на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Скопје привлече голем број верници кои се собраа на кејот на реката Вардар, каде традиционално беше извршено осветувањето на водите и положувањето на Чесниот крст.
Светиот и животворен крст во осветените води го положи поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, по завршувањето на богојавленската литургија и свечената литија.
Најсреќен меѓу пријавените учесници беше Дарко Митровиќ, кој успеа прв да стигне до крстот и да го извади од студените води на Вардар. Според православното верување, оној што ќе го фати крстот ќе биде следен од здравје, среќа и благослов во текот на целата година.
Фаќањето на Чесниот крст симболично го претставува соединувањето на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот водите стануваат лековити и носат духовен благослов за сите присутни.
Манифестацијата помина во свечена и мирна атмосфера, со силна порака за вера, заедништво и почитување на вековната православна традиција која и оваа година обедини илјадници граѓани на бреговите на Вардар.





