MKinformer

your daily dose of news

Анел Фидоски избран за нов шеф на скопското обвинителство, извиси Гаврил Бубевски за втор мандат

20/01/2026 13:33

Обвинителот Анел Фидоски е избран за нов шеф на Јавно обвинителство Скопје. За негов избор денеска гласаа седум од вкупно 11 членови на Совет на јавните обвинители, додека двајца беа против, а двајца воздржани.

Досегашниот шеф на обвинителството, Гаврил Бубевски, и покрај пофалбите за неговата работа, доби пет гласа, што не беше доволно за да добие втор мандат. Дел од членовите на Советот уште пред гласањето јавно соопштија на кого ќе му ја дадат својата поддршка.

Обвинителот Ермон Незири истакна дека неговата поддршка оди за Бубевски, нагласувајќи дека под негово раководство скопското обвинителство значително напредувало, со зголемен број истражители и повеќе од еден милион евра конфискација. Сличен став изнесе и членката на Советот Светлана Стојковиќ, која нагласи дека Бубевски ужива углед и авторитет меѓу колегите.

Од друга страна, поддршката за Фидоски ја изразија Марјана Илиеска и Ардијан Демири, кои оценија дека тој оставил добар впечаток на интервјуто, покажал визија и динамичност, како и потреба за „раздвижување“ на работата на обвинителството.

Критички став кон досегашното раководење изнесе и Кети Петкова, која оцени дека и покрај видливоста на Бубевски во јавноста, во обвинителството постојат заостанати предмети и дека е време да се даде шанса на друг обвинител.

Со изборот на Анел Фидоски, скопското обвинителство влегува во нова фаза на раководење, а јавноста ќе очекува конкретни резултати и поефикасно постапување во предметите од јавен интерес.

error: Содржината е заштитена од копирање !!