Фицо жестоко удри по раководството на ЕУ пред вонредниот самит во Брисел
23/01/2026 9:15
Словачкиот премиер Роберт Фицо објави видео-порака во пресрет на вечерашниот вонреден самит на Европска Унија во Брисел, во кое упати остри критики кон европското раководство, оценувајќи дека самитот е „лошо подготвен“ и ѐ резултат на „паника кај поединечни земји-членки“.
Во петминутниот влог, снимен за време на патувањето кон Брисел, Фицо директно го нападна претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, алудирајќи на, како што рече, „страшно скапата вечера“ што се организира во европската престолнина. На мета на критики се најде и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас, со која Фицо има долгогодишен политички судир.
Тој потсети дека конфликтот со Калас започнал откако таа јавно ја критикувала неговата подготвеност да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, и покрај војната во Украина.
„ЕУ ја движи само омразата кон Русија“
Говорејќи за моменталната криза во односите меѓу Европската Унија и Соединети Американски Држави, Фицо оцени дека одговорноста лежи кај самото раководство на Унијата.
„Не можеме да имаме луѓе на водечки позиции во ЕУ со кои клучните глобални актери не се среќаваат и со кои практично воопшто не разговараат. Ако американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио одбива да се сретне со Каја Калас, тогаш која е целта на нејзината позиција?“, праша словачкиот премиер.
Фицо тврди дека „единственото нешто што денес ја движи Европската Унија е омразата кон Русија“ и дека Унијата се наоѓа во длабока институционална и политичка криза.
„Не е доволно да се сменат креветите“
Според Фицо, излезот од кризата е можен само преку промена на европското раководство.
„За Европската Унија важи истото правило како и за салон за масажа: ако не функционира, не е доволно да се сменат креветите, мора да се смени и персоналот“, изјави тој.
На крајот од видеото, словачкиот премиер додаде дека се надева оти самитот во Брисел нема да трае до раните утрински часови, бидејќи веќе имал закажано состанок следниот ден во Париз.





