MKinformer

your daily dose of news

Алармантна низа случаи на насилство врз жени: Повеќе пријави за физички напади, закани и вознемирување во еден ден

27/01/2026 15:41

Насилството врз жените повторно е во фокусот на јавноста по серија вознемирувачки случаи регистрирани во текот на само еден ден, за кои денеска информираше Министерство за внатрешни работи преку својот дневен билтен.

Во Скопје и Делчево, неколку жени пријавиле дека биле жртви на физички напади, закани и психичко малтретирање од сегашни или поранешни партнери. Полицијата постапувала по повеќе пријави за родово базирано и семејно насилство, што уште еднаш ја отвора темата за небезбедноста со која дел од жените се соочуваат во сопствените домови.

Во еден од случаите, синоќа по полноќ, 40-годишна жена пријавила во СВР Скопје дека била физички нападната од својот партнер Д.П. во неговиот дом на подрачјето на Гази Баба.

Во друг случај, полицијата го привела 32-годишниот Р.Ќ. од Скопје, по пријава од неговата 34-годишна поранешна партнерка дека ѝ се заканувал со објавување компромитирачко видео. Заканите, според пријавата, биле упатени на 23 јануари.

Дополнително, во Полициската станица Кисела Вода бил повикан 49-годишниот В.Т. од Скопје, по пријава од неговата 42-годишна сопруга. Таа пријавила дека во семејниот дом на подрачјето на Центар била физички нападната и дека ѝ бил одземен мобилниот телефон.

Случај на семејно насилство е регистриран и во Делчево, каде што против 54-годишен маж е поднесена кривична пријава за „загрозување на сигурноста“ и „телесна повреда“.

„Осомничениот подолг временски период психички ја малтретирал својата сопруга и ѝ упатувал закани, а во периодот од 6 до 8 јануари физички ја нападнал во семејниот дом,“ соопштуваат од МВР.

Покрај овие случаи, полицијата регистрирала и инцидент на сексуално вознемирување. На подрачјето на Бит Пазар, од слобода бил лишен 77-годишен маж, по пријава од 51-годишна жена дека ја допирал по телото.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави против осомничените.

error: Содржината е заштитена од копирање !!