Владимир Нелоски жестоко им одговори на СДСМ: Татко ми нема тендери, подготвен сум за тужба за клевета
27/01/2026 14:33
Шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, Владимир Нелоски, остро реагираше на обвинувањата изнесени од Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) за наводна поврзаност со тендерска мрежа блиска до власта.
Во објава на својот Фејсбук профил, Нелоски ги оцени настапите на СДСМ како „тирада на нечесни и валкани прес-конференции“, полни со, како што напиша, невистини, креирани информации и полуинформации, чија цел е да се дефокусира јавноста од состојбата во опозициската партија.
„Фирмата не учествува на тендери“
Нелоски директно се осврна на тврдењата поврзани со неговиот татко, нагласувајќи дека тој е дел од приватна фирма која не учествува на државни тендери и нема добиено ниту еден тендер.
„Мојот татко не носи и не може да носи одлуки за државните пари. Како и секој човек, има право да работи чесно во приватниот сектор, а со трговија се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, напиша Нелоски.
СДСМ: Тендерската „пирамидална мрежа“ води до шефот на кабинетот на Мицкоски, Владимир Нелоски
Обвинувања за манипулации и најавена тужба
Во продолжение, тој ја обвини СДСМ дека преку лаги и манипулации ја губи и онака нарушената доверба кај граѓаните, оценувајќи дека партијата е „потопена во криминал, корупција, лични интереси и внатрешни фракции“.
Нелоски упати и јасен предизвик до СДСМ:
„Нека не поставуваат прашања, туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма, за да можам да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи.“
Со ова, шефот на кабинетот на премиерот порача дека е подготвен правно да се соочи со сите кои, според него, пласираат невистини и клевети.






