Орбан предупредува: ЕПП сака да го укине ветото и да ја претвори ЕУ во воен сојуз
03/02/2026 13:42
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската народна партија (ЕПП) усвоила стратегија со која се предвидува укинување на правото на вето на земјите-членки на Европската Унија и трансформација на ЕУ во воен сојуз.
Во објава на Фејсбук, Орбан наведе дека оваа стратегија е усвоена од ЕПП, чија членка е и унгарската опозициска партија Тиса.
„Ова е стратегијата што ја усвои ЕПП. Ова е нивната цел. Секој што е член на ЕПП се согласува со оваа програма. Тиса не може да се откаже од неа, дури и ако сака“, напиша Орбан.
Во видео порака, унгарскиот премиер изјави дека раководството на ЕПП одржало состанок во Загреб минатата недела, на кој биле договорени две клучни насоки.
„Првата е одземање на правото на вето на земјите-членки во Брисел. Втората е трансформација на Европската Унија во воен сојуз“, изјави Орбан, додавајќи дека ЕПП има право да носи сопствени политички одлуки.
Сепак, според него, проблемот за Унгарија е што најголемата опозициска партија е дел од ова политичко семејство, што, како што тврди, ќе има директни последици врз унгарската внатрешна политика.
„Без оглед на тоа што ќе тврди Тиса, факт е дека тие поддржуваат укинување на правото на вето. Тие веќе го пронајдоа и својот кандидат за министер за надворешни работи“, напиша Орбан.
Изјавите на унгарскиот премиер се вклопуваат во неговата долгогодишна критика кон Брисел и кон обидите за поголема централизација на одлуките во рамки на Европската Унија.




