Ѓорѓиевски не знае дали новите автобуси ќе стигнат оваа година
04/02/2026 15:03
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека за главниот град се планира набавка на најмалку 130 нови автобуси, од кои значаен дел се очекува да бидат испорачани во текот на оваа година.
На денешната седница на Советот на Град Скопје, посветена на советнички прашања, Ѓорѓиевски одговори дека првичните најави биле за 80 автобуси, потоа бројката се зголемила на 100 преку Владата, а дополнителни најмалку 30 автобуси ќе бидат обезбедени преку проектот за брз автобуски превоз, БРТ.
„Не се плашам ако некогаш погрешам со временската проценка. Мислевме дека до март ќе стигнат новите автобуси, но утрово пристигна писмо од ЕБОР со кое се откочува и продолжува проектот за БРТ“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека ЕБОР им дал рок до март за да се направат измени во планот за јавни набавки и да се формира проектната единица, што е предуслов за продолжување на постапките. Како што нагласи, тендерската постапка за автобусите преку БРТ ќе започне наскоро.
Ѓорѓиевски додаде дека, иако не може прецизно да гарантира точен датум за испорака на сите 100 автобуси што треба да ги набави Владата, има информации дека најголем дел од нив ќе пристигнат во текот на годинава. Процесот, според него, би требало да биде побрз поради најавите дека договорот ќе се реализира по модел „влада со влада“ со Унгарија.
„Ако во кампањата сум ветувал 80 автобуси, сега заедно со БРТ ќе има најмалку 130. Овој пат нема да лицитирам со точни датуми, но процесите ќе течат паралелно“, истакна градоначалникот.






