MKinformer

your daily dose of news

Жители на Волково утрово чекаат автобус и по 40 минути, приватните превозници не сообраќаат редовно

19/10/2026 11:04

Проблеми со автобускиот превоз во Волково има утрово, а жители реагираат дека на постојките се чека и по 40 минути.

Според објава во локална група на социјалните мрежи, приватните автобуски превозници утрово не сообраќале редовно.

Авторот на објавата наведува дека автобус чекал од 6:15 часот, но повеќе од 40 минути немало превоз.

„Излезете порано ако не сакате да доцните“

„Приватните превозници изгледа не возат денес. Од 6:15 чекаме автобус. Во 6:47 замина од Средсело кон Лепенец автобус на ЈСП, значи околу 6:55 ќе тргне. 40 минути нема автобус“, се наведува во објавата.

До жителите е упатен и совет навреме да тргнат кон своите дестинации.

„Излезете порано ако сакате да не доцните денес“, додава авторот.

Ветувања за нови автобуси, проблемите останаа

Јавниот превоз беше едно од главните предизборни ветувања на новата градска власт во Скопје.

Во кампањата беше најавувана набавка на нови автобуси и нормализирање на јавниот транспорт, а по преземањето на функцијата градоначалникот Орце Ѓорѓиевски повторно најави дека Скопје треба да добие 100 нови еколошки автобуси.

И покрај најавите, речиси една година подоцна граѓаните и натаму се соочуваат со нередовни линии, долго чекање и неизвесност дали автобусот ќе пристигне навреме.

За многумина секојдневното одење на работа, училиште или на факултет и понатаму значи дополнителен стрес и потреба да тргнат значително порано.

И претходно имаше проблеми со приватните превозници

Ова не е првпат проблеми со приватните автобуски превозници да предизвикаат долго чекање и нарушување на јавниот превоз во Скопје.

Во јуни 2025 година приватните превозници два дена не сообраќаа, тврдејќи дека ЈСП им должи повеќе од 150 милиони денари.

Во сообраќај се вратија откако им беше исплатен дел од долгот и беше најавено продолжување на исплатите.

Проблеми и во октомври и февруари

Нов проблем следуваше во октомври 2025 година, кога приватните превозници го скратија работното време и сообраќаа само од 5 до 10 часот наутро.

Тогаш тие повторно тврдеа дека има неисплатени обврски од ЈСП, а доспеаниот долг, според нивните изјави, изнесувал околу 90 милиони денари.

Проблеми имаше и во февруари годинава, кога дел од приватните автобуси не можеле навреме да се вклучат во сообраќај поради технички дефект на АВЛ-опремата, односно ГПС-валидаторите.

Подоцна беше соопштено дека дефектот е отстранет и сообраќајот е нормализиран.

Засега нема официјално објаснување

За утринската состојба во Волково засега нема официјално соопштение со причините за пореткото сообраќање на приватните автобуси.

Проблемите со автобускиот превоз во Волково утрово повторно покажаа дека, и покрај ветувањата за нови автобуси и нормализирање на јавниот транспорт, за дел од скопјани секојдневието и натаму значи долго чекање и неизвесност дали ќе стигнат навреме.

error: Содржината е заштитена од копирање !!