Масовна лавина, десетици скијачи затрупани под снег
18/02/2026 13:35
Масовна лавина го погоди подрачјето Вал Вени, во близина на италијанскиот скијачки центар Курмајор, при што десетици скијачи се нашле во опасност во подножјето на планината.
Драматичните сцени се случиле во вторник, кога огромна маса снег и мраз се стрмоглавила по падините во близина на ски-лифтот Зерота, пренесува Дејли меил. Според видеата споделени на социјалните мрежи, скијачи стоеле во близина на лифтот и ја следеле лавината што се спуштала со голема брзина, уривајќи редици високи борови дрвја.
Првичната фасцинација од природната појава брзо прераснала во паника, кога снежната маса се доближила до зоната каде што се наоѓале туристите. Десетици лица, меѓу кои и деца, се обиделе да се повлечат во последен момент, додека густ облак од снег ја покривал околината.
Засега нема официјална информација за евентуални повредени или жртви. Надлежните служби ги проверуваат теренот и условите на скијалиштето, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на увидот.
Инцидентот повторно ја отвора темата за безбедноста на планинските подрачја и ризикот од лавини во зимската сезона, особено во региони со засилени врнежи од снег.
Прикажи ову објаву у апликацији Instagram






