Вајц: Уставните измени се барање за кое не може да се преговара, без нив нема напредок кон ЕУ
06/03/2026 21:07
Уставните измени се услов што не подлежи на преговори и без нив нема да има напредок на земјата на патот кон членство во Европската Унија, изјави европратеникот и известувач за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за БГНЕС.
„Уставните измени се барање за кое не може да се преговара. Ако нема исполнување на овие критериуми и услови, нема да има напредок на патот кон пристапувањето. Имам многу јасна комуникација со Владата на Северна Македонија дека ова барање мора да биде исполнето и дека не подлежи на преговори“, изјави Вајц.
Осврнувајќи се на минатогодишниот извештај за Северна Македонија, кој беше проследен со бројни амандмани и дебати околу одредени формулации, Вајц посочи дека процесот на подготовка сè уште е во рана фаза.
„Штотуку ги започнавме преговорите и процесот на поднесување амандмани исто така штотуку започна. Имам ограничувања во однос на бројот на зборови што можам да ги вклучам во првиот нацрт. Должината на првиот нацрт се одредува според правилата во Европскиот парламент. Сега сите членови и известувачи во сенка се поканети да предложат свои амандмани и очекувам овој процес да трае до мај“, објасни тој.
Во интервјуто се осврна и на корупцијата, која, според него, останува хроничен проблем во регионот на Западен Балкан.
„Корупцијата е проблем што го споделуваат многу држави во ЕУ и надвор од неа. Таа им штети на интересите на граѓаните и затоа сите треба да се стремиме да се бориме против неа на секој можен начин“, рече Вајц.
Тој додаде дека во извештајот се потенцира потребата од поголем напредок во владеењето на правото, подобрување на пристапот до правда и исполнување на таканаречените Копенхашки критериуми, како и напредок во областите на слободата на медиумите, граѓанското општество и животната средина.
Говорејќи за недовербата што властите во Скопје ја изразуваат кон Бугарија и можноста за нови билатерални услови, Вајц повтори дека позицијата на европските институции е јасна.
„Сите сме на иста позиција. Уставните измени се барање и тоа не подлежи на преговори. Ако нема исполнување на тие услови, нема да има напредок на патот кон членство“, нагласи европратеникот.



