MKinformer

your daily dose of news

ЦУК: Зголемени водостои по врнежите, 250 евакуирани во Кичево

20/02/2026 15:15

Центар за управување со кризи информира дека по врнежите од дожд и снег во изминатите 24 часа е забележано зголемување на водостоите на повеќе реки низ државата. Состојбата се следи континуирано, а надлежните служби постапуваат согласно проценките на терен.

Кумановски регион

На подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане водостоите се покачени, но засега нема опасност од излевање.
Во Општина Кратово, поради повремени врнежи од дожд, зголемено е нивото на Кратовска Река и Крива Река, без регистрирани излевања.

Пелагониски регион

Битола:
Регистриран е одрон на магистралниот пат Е-65, за што е известено ЈП Македонијапат – Битола.
Забележано е и излевање на Сива Река во близина на локалитетот Хераклеа, за што е известено ЈП „Нискоградба“-Битола.

Новаци:
Нивото на Црна Река изнесува околу 280 сантиметри.

Демир Хисар:
Зголемен е водостојот на реката Црна, без значителни излевања.

Охридско-кичевски регион

Кичево:
Евидентирани се 250 евакуирани лица, односно 63 семејства, на кои им се обезбедува храна, вода и неопходна поддршка.

Екипи на комуналните служби работат на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река, како и на чистење на канализационата мрежа. Територијалната противпожарна единица врши испумпување вода од подруми на повеќе улици по пријави од жители.

Надлежните апелираат граѓаните да ги следат официјалните информации и да постапуваат согласно препораките на институциите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!