MKinformer

your daily dose of news

СДСМ: Куќниот притвор за Груби е доказ за политички договор меѓу ВМРО и ДУИ

24/02/2026 10:30

Опозициската СДСМ остро реагираше откако Обвинителството соопшти дека за поранешниот вицепремиер Артан Груби ќе бара мерка куќен притвор.

Од партијата оценуваат дека ваквата одлука е „потврда дека сè е однапред договорено“, тврдејќи дека судството и обвинителството се ставени под политичка контрола.

Обвинувања за „режирано сценарио“

Според СДСМ, враќањето на Груби во земјата било „договорено и медиумски режирано“, посочувајќи дека при неговото заминување од државата наводно не функционирале камерите на граничниот премин, иако, како што велат, бил на стоп-листа.

„За неговото заминување немаше снимки, а за враќањето камери има на секој чекор – од граница до Обвинителството и Судот“, наведуваат од партијата.

Прашање за мерката

Од СДСМ прашуваат зошто лице кое еднаш ја напуштило државата, и тоа додека било на стоп-листа, сега добива куќен притвор наместо ефективен притвор.

„Пеш преминал граница и побегнал. По 14 месеци се враќа и му се определува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио?“, стои во реакцијата.

Тврдења за политички договор

Во соопштението се наведува дека, според нив, станува збор за „договор меѓу ДУИ и ВМРО“, кој, како што велат, се реализира пред очите на јавноста.

Од Обвинителството претходно соопштија дека куќниот притвор бил предложен имајќи предвид дека осомничениот доброволно се пријавил, најголем дел од доказите се обезбедени и постојат безбедносни индиции во притворското одделение.

error: Содржината е заштитена од копирање !!