Нов тендер во ЕСМ: Косовска компанија ќе снабдува јаглен за РЕК Битола, Левица обвинува за скандал
26/02/2026 15:06
Нов тендер на Електрани на С. Македонија (ЕСМ) предизвика политички реакции, откако договор за набавка на јаглен во вредност од 7 милиони евра беше доделен на косовската компанија „ХИБ Петрол Груп“.
Според обвинувањата изнесени од политичката партија Левица, сопственикот на компанијата во минатото бил правосилно осуден во Косово за случај поврзан со испорака на мазут со зголемено ниво на сулфур. Од партијата тврдат дека станува збор за лице кое во 2014 година било осудено на затворска казна и парична глоба.
Тендерот се однесува на набавка на 150.000 тони јаглен за потребите на РЕК Битола, најголемиот производител на електрична енергија во државата.
Од Левица го критикуваат раководството на ЕСМ, предводено од директорот Лазо Узунчев, обвинувајќи за, како што наведуваат, „контроверзно менаџирање“ и доделување тендери на компании со спорно минато. Во реакцијата се споменува и претходен договор со компанијата „Руд Коп“, за која, според партијата, се води истрага.
Во соопштението се посочува дека ваквите набавки влијаат врз финансиската состојба на претпријатието, кое, според критиките, се соочува со зголемен долг.
Од ЕСМ засега нема официјален одговор на овие обвинувања.
Левица побара Финансиската полиција да ги испита договорите за јавни набавки и финансиските резултати на претпријатието, оценувајќи дека е потребна целосна транспарентност во работењето на државната енергетска компанија.






