(Фото/Видео) Осумчасовна блокада пред ТИТАН Усје
28/02/2026 9:50
Осум часа траеше блокадата пред главниот влез на ТИТАН Усје, организирана под паролата „Без Усје полесно се дише“, каде околу 150 граѓани побараа почист воздух и поголема институционална одговорност.
Настанот, именуван од организаторите како „Блокадафест“, помина во атмосфера проследена со музика од ди-џеи и јавни пораки, со цел, како што наведоа, да се покаже дека граѓанскиот отпор може да биде „гласен, солидарен и креативен“.
Учесниците порачаа дека нивните барања се насочени кон обезбедување подобра заштита на животната средина и транспарентност во работењето на индустриските капацитети.
Од компанијата претходно соопштија дека повеќе од седум децении работат како одговорна компанија и дека ги почитуваат сите законски обврски. Според нив, емисиите се мерат 24 часа дневно преку независен мониторинг систем, при што нема констатирани надминувања на дозволените лимити.
Од Усје информираа дека во изминатите 15 години инвестирале над 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни инвестиции се планирани до 2029 година.
„Нашите приоритети остануваат јасни, силни партнерства, благосостојба на вработените и континуирана поддршка за заедницата“, наведуваат од компанијата.
Протестот заврши без инциденти, но дебатата околу квалитетот на воздухот и улогата на индустриските капацитети во урбаните средини останува отворена.
„Блокадафест“ пред Цементарница Усје: Осумчасовен протест за чист воздух со музичка поддршка





