Израел го нападна и Либан, најмалку 31 загинат
02/03/2026 9:36
Израел утринава изврши силни воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, области што се под контрола на Хезболах, откако групата поддржана од Иран лансираше ракети и беспилотни летала кон Израел.
Според „Гардијан“, нападот на Хезболах бил претставен како одмазда за атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.
31 загинат, 149 повредени
Француските медиуми, повикувајќи се на податоци од либанското Министерство за здравство, објавија дека во израелските напади загинале најмалку 31 лице, додека 149 се повредени.
Жителите на Бејрут биле разбудени околу 3 часот наутро од серија силни експлозии, додека израелската армија гаѓала три различни локации во јужните предградија на главниот град, меѓу кои и Дахие. Детонациите се слушале на километри, а прозорците низ градот се треселе од ударниот бран.
Истовремено, во јужен Либан биле пријавени дополнителни напади во пошироката област околу градот Тир, каде што биле урнати згради.
Хезболах соопшти дека околу полноќ лансирал бараж од ракети и беспилотни летала кон објектот за противракетна одбрана Мишмар ал-Кармел во близина на Хаифа, наведувајќи дека станува збор за одмазда и дејствување „во одбрана на Либан и неговиот народ“.
Израелскиот одговор следел само неколку часа подоцна. Армијата објави дека ги гаѓала целите на Хезболах низ јужен Либан, во долината Бека и во предградијата на Бејрут.
Началникот на израелската армија, генерал-потполковник Ејал Замир, изјави дека Хезболах „започнал кампања против Израел“ и дека ќе сноси целосна одговорност за ескалацијата.
Израелската армија издаде наредба за евакуација на 55 села и градови низ Либан, повикувајќи ги жителите да се оддалечат најмалку 1.000 метри од областите во близина на позиции на Хезболах.
Дополнително, Израелски одбранбени сили објавија мобилизација на 100.000 резервисти, од кои многумина се распоредени долж границата со Либан.
По нападите, илјадници луѓе почнаа да го напуштаат предградието Дахие, создавајќи сообраќајни метежи кон северот на земјата. Во градот Тир се формираа долги редици пред бензинските пумпи, додека дел од автопатите беа блокирани од возила што се обидуваа да избегаат од погодените подрачја.
Ескалацијата дополнително го зголемува ризикот од поширок регионален конфликт на Блискиот Исток.




