MKinformer

your daily dose of news

Стразбур ја прифати жалбата на Апасиев против Македонија за референдумската иницијатива

06/03/2026 12:43

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја прифати апликацијата поднесена од пратеникот и лидер на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, против Република Македонија, информираа од партијата.

Според соопштението, судот во првата фаза ја регистрирал жалбата и ѝ доделил судски број 25565/25 и бар-код, со што предметот влегува во постапка пред Судот во Стразбур.

Станува збор за случајот поврзан со одбивањето на референдумската иницијатива што Апасиев ја поднесе во Собранието, а која беше одбиена од тогашниот претседател на парламентот Таљат Џафери. Иницијативата се однесуваше на парламентарните заклучоци поврзани со т.н. француски предлог.

Во жалбата до Европскиот суд за човекови права, Апасиев се повикува на член 1 од Протоколот XII и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, кои се однесуваат на забраната на дискриминација.

Дополнително, во предметот се наведуваат и членовите 10 и 11 од Конвенцијата, кои се однесуваат на слободата на изразување, како и слободата на собирање и здружување.

Од Левица посочуваат дека претходно домашните судови се прогласиле за ненадлежни да постапуваат по предметот, додека Уставниот суд на Македонија по неколку години го одбил барањето за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Партијата најави дека правната постапка ќе продолжи и за други случаи кои, како што наведуваат, се однесуваат на повреди на човековите права, меѓу кои и прашањето за медиумскиот третман за време на локалните избори во 2025 година.

error: Содржината е заштитена од копирање !!