MKinformer

your daily dose of news

САД побара од Романија пристап до воената база кај Констанца за операции во Иран

11/03/2026 17:27

Романскиот претседател Никусор Дан свика седница на Врховниот совет за одбрана, на која ќе се разгледува можноста САД да добијат пристап до романски воени бази за поддршка на операции поврзани со Техеран.

Според локалните медиуми, на првиот состанок на советот годинава ќе се анализираат безбедносните последици од конфликтот на Блискиот Исток, можните ефекти врз романскиот енергетски пазар, како и опцијата за привремено распоредување воени капацитети на романска територија.

Во фокусот на разговорите е барањето на Вашингтон за користење на воздухопловната база „Михаил Когалничеану“, која важи за една од најзначајните стратешки точки на НАТО во Источна Европа.

Романија и натаму има важно место во безбедносната архитектура на источниот дел од Европа. Во земјата во моментот се стационирани околу 1.000 американски војници, додека вкупното сојузничко присуство на НАТО достигнува околу 3.500 припадници, вклучувајќи ги и американските сили.

Дополнителна тежина на ситуацијата ѝ дава и географската позиција на Романија, која има околу 650 километри граница со Украина. Во изминатиот период, регионот беше погоден од безбедносни ризици, вклучително и навлегување на руски дронови и закани врз трговските и енергетските рути во Црното Море.

Воздухопловната база „Михаил Когалничеану“, која се наоѓа во близина на Констанца на брегот на Црното Море, со години има клучна улога за НАТО и САД. Таа служи како логистички и оперативен центар за мисии во Источна Европа, Украина и поширокиот регион.

По почетокот на војната во Украина во 2022 година, значењето на базата дополнително се зголеми, а Романија вложи милијарди евра во нејзина модернизација. По завршувањето на инвестициите, капацитетот на базата треба да достигне до околу 10.000 војници и нивните семејства.

Базата располага со воен аеродром за борбени и транспортни авиони, командни центри, складишта за гориво и опрема, касарни и развиена логистичка инфраструктура, што ја прави една од најважните воени точки на НАТО во Европа.

error: Содржината е заштитена од копирање !!