Тешко повредено 4-годишно дете во судир на автобус и автомобил во Скопје, возач избегал
12/03/2026 16:19
Четиригодишно дете е тешко повредено во сообраќајна несреќа што вчера се случила на крстосница во Скопје, при судир меѓу автобус и патничко возило, соопшти полицијата.
Според информациите, несреќата била пријавена на 11.03.2026 во 09:25 часот во СВР Скопје. Судирот се случил на раскрсницата меѓу булеварите „Кузман Јосифовски Питу“ и „Кочо Рацин“ и улицата „Крсте Мисирков“.
Во несреќата учествувале автобус со скопски регистарски ознаки, управуван од Г.Г. (55) од скопското село Волково, и патничко возило „форд фиеста“ со скопски таблички.
По судирот, возачот на автомобилот го напуштил местото на настанот.
Како последица на несреќата, со тешки телесни повреди се здобило 4-годишно дете од Скопје, кое било патник во автобусот. Повредите биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и пронаоѓање на возачот кој избегал.






