Војната со Иран ја чини Америка милијарди: за само шест дена потрошени над 11,3 милијарди долари
12/03/2026 21:40
Војната против Иран ги чинела Соединетите Американски Држави повеќе од 11,3 милијарди долари во првите шест дена од конфликтот.
Ова, според извештаите, им било соопштено на сенаторите од Комитетот за вооружени сили на Сенатот за време на затворен брифинг од претставници на американското Министерство за одбрана.
Станува збор за огромна сума, но таа не ги опфаќа сите трошоци поврзани со воената операција. Во пресметката, како што се наведува, не се вклучени распоредувањето на воена опрема, испраќањето дополнителни сили и други подготовки направени пред самите напади.
Поради тоа, во Вашингтон се очекува вкупната цена на конфликтот да биде уште повисока кога Пентагон ќе ја заврши целосната пресметка на трошоците од првата недела.
Во меѓувреме, се очекува Белата куќа да побара и дополнителни средства за финансирање на операциите. Ова доаѓа и покрај изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп од минатата недела, кога рече дека САД располагаат со речиси неограничени резерви на муниција од среден и поголем калибар.
Американската администрација засега нема објавено официјална проценка за вкупната цена на конфликтот. Во исто време, од Вашингтон доаѓаат и нејасни пораки за тоа колку долго би можела да трае воената операција.
Трамп вчера изјави дека САД победиле во војната, но истовремено порача дека американските сили ќе останат на терен за, како што рече, да ја довршат работата.
Таквите изјави оставаат простор за нови трошоци и дополнителен притисок врз американскиот буџет, особено ако конфликтот продолжи и во наредниот период.







One thought on “Војната со Иран ја чини Америка милијарди: за само шест дена потрошени над 11,3 милијарди долари”
Comments are closed.