ЈП Лајка со нова програма за згрижување на бездомни кучиња
23/03/2026 14:22
Јавното претпријатие за хуман третман на бездомни кучиња Лајка ја интензивира својата мисија за општествено одговорно вклучување на граѓаните преку нова програма за привремено згрижување, чија цел е подобрување на благосостојбата на кучињата и зголемување на стапката на вдомување.
Привременото згрижување претставува краткорочна грижа за куче од прифатилиштето во домашни услови, сè до негово трајно вдомување. Овој модел им овозможува на кучињата да се социјализираат, да стекнат рутина и повторно да изградат доверба во луѓето, што значително ги зголемува шансите за успешно вдомување.

Од ЈП Лајка информираат дека како поддршка за згрижувачите ќе обезбедат храна за целото времетраење на престојот, комплетна ветеринарна грижа, стручна поддршка и насоки, како и промоција на кучето за вдомување.
Од претпријатието нагласуваат дека за вклучување во програмата не е потребно претходно искуство. Потребни се желба за помош, основни услови и одговорен пристап.
Привремените згрижувачи, според Лајка, се клучен дел од системот за хуман третман на бездомните кучиња. Благодарение на нив, животните добиваат шанса повторно да стекнат доверба и полесно да пронајдат траен дом.
Сите заинтересирани граѓани можат да се пријават или да добијат дополнителни информации преку електронската адреса info@lajka.com.mk или преку социјалните мрежи на ЈП Лајка.






