Казна од 20.000 евра за незаконско фрлање градежен шут во Долно Лисиче
11/05/2026 17:16
Општина Аеродром изрече висока парична казна по вонреден инспекциски надзор во Долно Лисиче, на локацијата позната како „Купишта“.
При контролата бил затекнат камион што незаконски одлагал градежен отпад.
Според општината, возилото депонирало градежен шут спротивно на Законот за управување со отпад. По утврдувањето на прекршокот, општинскиот инспекторат веднаш издал прекршочен платен налог за правното лице.
За сторениот прекршок, согласно член 130 од законот, е изречена глоба во висина од 20.000 евра во денарска противвредност.
Од Општина Аеродром најавуваат дека контролите на терен ќе продолжат и во наредниот период.






