ЗАТАИЛЕ НАД 120 ИЛЈАДИ ЕВРА ДАНОК: Финансиската полиција откри даночно затајување
18/05/2026 13:15
Управата за финансиска полиција утврди даночно затајување во износ од 7.426.323 денари и до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две физички лица и едно правно лице.
Според соопштението, пријавените М.Ш. и Ж.Р., како управители на правното лице, се сомничат дека во повеќе наврати свесно и со намера да стекнат противправна имотна корист не пресметале, не пријавиле и не платиле данок.
Станува збор за данок на добивка во износ од 7.200.200 денари и данок на личен доход од 226.123 денари.
Како што наведува Управата за финансиска полиција, за 2020 година тие поднеле даночен биланс со лажни податоци за утврдување на данокот на добивка.
За 2021 и 2022 година, пак, воопшто не поднеле даночни биланси за утврдување на данокот на добивка, иако тоа било нивна законска обврска.
Според наводите, спротивно на сметководствената евиденција и на прикажаниот финансиски резултат во бруто билансите, од банкарските сметки на правното лице биле подигнувани парични средства по различни основи.
Воедно, биле вршени и плаќања што не биле поврзани со дејноста на фирмата, без доказ во сметководствената евиденција за нивната економска оправданост.
Од Финансиската полиција додаваат дека, со намера да ги прикријат незаконските активности, пријавените не поднеле ниту завршни сметки за 2022, 2023 и 2024 година до Централниот регистар.
Со овие дејствија, како што се наведува, бил оштетен Буџетот на Република Македонија, а предметот е доставен до надлежното обвинителство за понатамошно постапување.






