MKinformer

your daily dose of news

Старото скопско корзо оживува вечерва

21/05/2026 9:37

„Носталгија за корзо“: Вечерна прошетка низ старото Скопје

Општина Центар, заедно со Здружението на пензионери, вечерва од 19:00 часот организира настан посветен на споменот на некогашното скопско корзо.

Симболична прошетка од плоштадот „Македонија“

Настанот со наслов „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време“ ќе започне на Плоштадот „Македонија“. Присутните ќе прошетаат по трасата на старото скопско корзо, потсетувајќи се на местата каде што се создавале првите симпатии и пријателства.

По прошетката, дружбата продолжува во салата на ООУ „Димитар Миладинов“, каде ќе биде организирана свечена игранка.

Герасимовски: Да го почувствуваме шармот на некогашниот центар

Градоначалникот Горан Герасимовски ги повика сите сограѓани да се приклучат и да ги оживеат спомените на места како Ристиќевата палата, поранешниот хотел „Македонија“, „Кенан“, „Ванила“ и „Громби“.

„Тогаш еден поглед значеше повеќе од илјада пораки на мобилен телефон. Корзото беше центар на светот“, изјави Герасимовски.

Покана и до пензионерите од другите општини

Од Активот на жени пензионери на Општина Центар упатија покана за сите пензионери од главниот град, без разлика на општината на живеење, да се придружат на ова ретро вечерно дружење.

error: Содржината е заштитена од копирање !!