MKinformer

your daily dose of news

Обвинителството бара притвор за возачот на камионот по трагедијата на скопската обиколница

23/05/2026 7:52

Обвинителството предложи притвор за 76-годишниот косовски државјанин осомничен за тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница, во која загинаа четири лица.

Во трагедијата животот го загубија познатиот баритон Ристе Велков, неговиот 20-годишен син, како и уште две 20-годишни момчиња.

Од Јавното обвинителство соопштија дека јавен обвинител од OJO Скопје донел Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Според Обвинителството, осомничениот управувал товарно возило „МАН“ со полуприколка со косовски регистарски таблички по северната обиколница на Скопје, од запад кон исток.

Кога стигнал во близина на клучката Мирковци, не ја приспособил брзината на движење на состојбата на патот и на сообраќајните услови, поради што изгубил контрола над возилото.

Потоа свртел налево, удрил и ја пробил металната одбојна ограда и преминал на коловозот наменет за возила од спротивната насока.

Во тој момент во камионот директно удрило патничко возило „БМВ“, кое се движело од исток кон запад.

По судирот, и автомобилот и камионот се запалиле. Во несреќата на самото место загинале четворицата патници од БМВ-то.

Обвинителството посочува дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и можност осомничениот да го повтори делото. Затоа до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.

Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот Р.В. и сопатниците А.В. (20), П.М., (20) и М.Ѓ. (20), сите од Скопје.

По наредба на јавен обвинител, телата на загинатите се дадени на обдукција.

error: Содржината е заштитена од копирање !!