MKinformer

your daily dose of news

Началникот на Генералштабот на либиската армија загина во авионска несреќа кај Анкара

23/12/2025 22:47

Началникот на Генералштабот на либиската армија, Мухамед Али ал-Хадад, бил меѓу патниците во авионот што го изгубил контактот со контролата на летање кратко по полетувањето од аеродромот во Анкара, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Тој потврди дека турската жандармерија ги пронашла остатоците од леталото во областа Хајмана, јужно од Анкара. Смртта на ал-Хадад ја потврди и претседателот на либиската Влада на национално единство, Абдел Хамид ал-Дбејба.

Според турските власти, авионот од типот „Фалкон 50“ бил на пат кон Триполи. Контактот со леталото бил изгубен во 20:52 часот, откако пилотот претходно побарал дозвола за итно слетување.

Во авионот се наоѓале вкупно пет лица, покрај началникот на Генералштабот, негов советник, двајца генерали и член на придружбата.

Турските медиуми претходно објавија дека воздушниот простор над Анкара бил привремено затворен за летови. Телевизијата НТВ информираше:
„Контактот со приватен авион кој полетал од Анкара е изгубен. Според информациите, во авионот е началникот на Генералштабот на либиската армија.“

Надлежните служби продолжуваат со истрагата за причините за несреќата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!