Франција му забрани влез на израелскиот министер за внатрешна безбедност Бен-Гвир, Париз бара и санкции од ЕУ
24/05/2026 10:05
Франција донесе одлука да му забрани влез на своја територија на израелскиот министер за внатрешна безбедност Итамар Бен-Гвир, објави францускиот министер за Европа и надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Според Баро, ваквиот потег е директна реакција на однесувањето на Бен-Гвир кон активистите од меѓународната хуманитарна флотила за Појасот Газа „Глобал Сумуд“.
„Сметано од денеска, Итамар Бен-Гвир нема право да стапне на француска територија“, напиша Баро на платформата „Икс“.
Францускиот министер откри и дека, заедно со неговиот италијански колега, ја повикува Европската Унија да воведе санкции против Бен-Гвир.
Израелскиот министер во изминатиот период се најде под силен притисок и критики од меѓународната јавност, откако објави видео поврзано со приведените активисти од хуманитарната флотила за Газа.
На снимката, според извештаите, се гледа како израелски полицајци ги постројуваат активистите и ги тераат да клекнат на земја со врзани раце зад грбот, додека Бен-Гвир им се обраќа со зборовите: „Добредојдовте во Израел, ние сме господарите“.
Одлуката на Париз дополнително ги заострува реакциите во Европа кон однесувањето на дел од израелските функционери, особено во контекст на кризата во Газа и односот кон меѓународните хуманитарни мисии.





