МК Информер објавува детали за реконструкција на владата
01/06/2026 10:29
Коалиционите партнери ги засилуваат преговорите: Се подготвува нова поделба на министерските столчиња
До најавената реконструкција на Владата остануваат уште неколку недели, а во задкулисните разговори меѓу коалиционите партнери се кројат повеќе сценарија за кадровски промени и прераспределба на ресорите. Извори блиски до преговорите за МК Информер откриваат детали од тековните консултации.
Нови министерски имиња на маса
Според извори блиски до Владата, кои се вклучени во консултациите што се водат на ниво на владините партнери, за МК Информер откриваат дека на маса се повеќе сценарија и за имињата кои би можеле да раководат со министерски позиции, и за министерствата што би можеле да добијат нови раководители.
Едно од посериозно разгледуваните решенија е актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, да биде префрлен на чело на Министерството за односи меѓу заедниците, ресор кој во моментов го предводи Иван Стоилковиќ. Лимани претходно беше во центарот на вниманието по ифтарската вечера во Тирана, каде седна на иста маса со Али Ахмети и Арбен Таравари, на што реагираа дел од коалиционите партнери .
Фетаи на пат кон Брисел, се бара замена
Промени се очекуваат и на позициите што ги држи коалицијата ВЛЕН. Актуелно име во преговорите е и Арбен Фетаи, за кој се шпекулира дека ќе биде именуван за специјален претставник на Македонија во Брисел.
Како што дознава редакцијата, во трка за негова замена останале двајца кандидати. Нивните имиња се познати, но поради осетливоста на процесот и отсуството на конечна одлука, тие нема да бидат објавени до завршувањето на политичките консултации.
ВЛЕН се откажува од здравството, сакаат нешто „пополитичко“
Паралелно со кадровските промени, на маса се и предлози за реорганизација на ресорите што ги покрива ВЛЕН. Според информациите, коалицијата е подготвена да се откаже од Министерството за здравство, но за возврат бара ресор со поголема политичка и реформска тежина.
Две опции се најсериозно разгледувани:
-
Министерството за образование и наука, каде решение би можел да биде актуелниот заменик министер
-
Министерството за правда, за кој, според изворите, во преговорите постои засилен интерес, бидејќи нуди простор за реформи во правосудството и борба против корупцијата
Епилог во наредните денови
Конечните одлуки сè уште не се официјализирани, но изворите блиски до Владата оценуваат дека преговорите се во завршна фаза. Се очекува наредните денови да донесат епилог на реконструкцијата, која ќе ги промени не само имињата, туку и рамнотежата на моќта меѓу коалиционите партнери.






