Мицкоски: Здравствената состојба на Лукровски бара мирување, се надевам наскоро ќе се врати
06/06/2026 17:32
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека здравствената состојба на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, сè уште не му дозволува да се врати на работа. Тој нагласи дека состојбата бара мирување и изрази надеж дека Лукровски наскоро повторно ќе ги извршува редовните обврски.
Изјавата беше дадена по новинарско прашање зошто Лукровски сè уште не се вратил на функцијата, иако комисиското боледување му траело до 30 мај. Мицкоски рече дека, според информациите со кои располага, причината е исклучиво здравствената состојба.
„Здравствената состојба е таква каква што е и бара мирување, се надевам дека сè ќе биде во ред и ќе се врати на редовно извршување на работите“, изјави премиерот при посетата на Институтот за јавно здравје.
Лукровски е отсутен од функцијата веќе околу еден месец поради боледување. Во негово отсуство, со општината раководи Неделчо Крстевски, кој е назначен за заменик-градоначалник и во изминатиот период ги претставуваше активностите на Општина Карпош на јавни настани и преку социјалните мрежи.
И претходно Мицкоски порача дека Лукровски не поднел оставка и дека станува збор за лична здравствена состојба, без да открива дополнителни детали. Со денешната изјава, тој повторно потврди дека здравствената состојба на Лукровски бара мирување.





