MKinformer

your daily dose of news

Денес е последен училиштен ден, утре матурантите полагаат мајчин јазик

10/06/2026 8:16

Денес е последен училиштен ден за основците и средношколците во Македонија. По завршувањето на наставата, учениците заминуваат на летен распуст кој ќе трае до 31 август.

За матурантите наставата заврши порано, на 15 мај, а државната матура веќе е во тек. Според Министерството за образование и наука, за полагање се пријавени вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 се за државна матура, 2.276 за државна стручна матура и 127 за државна уметничка матура.

Првиот екстерен, односно изборниот предмет, се полагаше на 6 јуни. Утре, на 11 јуни од 9 часот, кандидатите за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература. Учениците пријавени за државна стручна и државна уметничка матура истиот испит ќе го полагаат на 12 јуни.

Во меѓувреме, полуматурантите се подготвуваат за упис во прва година средно образование. Според конкурсот на МОН, првото електронско пријавување во јунскиот рок ќе трае од 12 јуни до 15 јуни, а второто е закажано за 23 јуни. Во августовскиот рок ќе има едно пријавување, на 20 август.

Учениците ќе се пријавуваат електронски преку порталот Uslugi.gov.mk, со најава преку сопствените кориснички сметки на schools.mk, по што ќе треба да ја достават потребната документација во училиштето во кое конкурираат.

Со конкурсот за учебната 2026/2027 година се предвидени над 25.000 слободни места во 109 јавни средни училишта. Од нив, повеќе од 17.000 се во стручното образование, речиси 6.000 во гимназиското, а 570 во уметничкото образование.

error: Содржината е заштитена од копирање !!