MKinformer

your daily dose of news

Нови детали за инцидентот со авионот на „Рајанер“

21/07/2026 9:17

Нова насока во истрагата: Надворешен предмет можеби го оштетил авионот на „Рајанер“

Истрагата за инцидентот со авионот на „Рајанер“, кој по полетувањето од Солун беше принуден итно да се врати на аеродромот, добива нов правец. Од авиокомпанијата велат дека првичните анализи упатуваат на можност моторот да бил погоден од надворешен предмет, што подоцна довело до сериозно оштетување и декомпресија на кабината.

Извршниот директор на компанијата, Мајкл О’Лири, потенцира дека засега нема индикации оти инцидентот е поврзан со техничка неисправност или недоволно одржување на леталото.

„Првичните индикации покажуваат дека моторот најверојатно бил оштетен од надворешен предмет при полетувањето од Солун, а не поради неговата старост или начинот на одржување“, изјави О’Лири.

Според него, ова е само работна претпоставка, а конечниот одговор ќе го дадат истражните органи.

„Во овој момент не можеме со сигурност да кажеме што го погодило моторот. Истрагата треба да утврди за каков предмет станува збор и како дошло до оштетувањето“, додаде првиот човек на „Рајанер“.

Проблемот настанал веднаш по полетувањето

Авионот, кој летал од Солун кон германскиот град Меминген, кратко по полетувањето пријавил дефект на десниот мотор. Во текот на инцидентот, дел од моторот се одвоил и удрил во прозорец на патничката кабина, што предизвикало нагло губење на притисокот.

Пилотите веднаш ја активирале процедурата за вонредни ситуации и донеле одлука да се вратат на аеродромот во Солун. Леталото безбедно слетало, а патникот кој се здобил со повреди добил лекарска помош.

Компанијата ја исклучува староста на авионот како причина

О’Лири нагласува дека, иако авионот бил во употреба 18 години, тоа не значи дека станува збор за застарено летало.

„Моторот беше сервисиран и ремонтиран во текот на последните две години, па затоа не веруваме дека станува збор за проблем поврзан со неговото одржување“, рече тој.

Според компанијата, прелиминарните резултати од истрагата треба да покажат дали навистина надворешен предмет е причината за оштетувањето или станува збор за друг фактор што довел до инцидентот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!