По фирмарината, поскапува и данокот на имот во Скопје: Први нови решенија ќе добијат жителите на Центар и Карпош
24/07/2026 8:15
Сопствениците на недвижности во Скопје во наредниот период може да добијат повисоки решенија за данок на имот. Причината е усогласувањето на даночната основа со реалната пазарна вредност на становите, куќите и земјиштето.
Процесот најпрво започна во општините Центар и Карпош, каде во соработка со УНДП се врши нова процена на имотите. Жителите на овие две општини сè уште ги очекуваат решенијата за 2026 година.
Нови процени по повеќегодишен застој
Советот на Град Скопје усвои нов правилник со кој се унифицираат цените на земјиштето и зоните според кои се утврдува пазарната вредност на недвижностите.
Според информациите од Град Скопје, правилникот треба да се ажурира на секои четири години. Сепак, цените не биле променети во изминатите седум до осум години.
Намерата е новата процена постепено да ги опфати имотите во сите скопски општини.
Станови се продавале за 2.500, а се даночеле по 1.200 евра за квадрат
Една од главните причини за новата процена е големиот раст на цените на недвижностите во Скопје.
Во изминатите години продажните цени на становите значително се зголемија, особено во Центар и Карпош. Сепак, данокот продолжил да се пресметува според старите и пониски вредности.
Од Град Скопје посочуваат примери во кои стан се продава за околу 2.500 евра за квадратен метар, додека за даночни цели е проценет на околу 1.200 евра.
Данокот се пресметува според пазарната вредност
Според Законот за даноците на имот, даночната основа ја претставува пазарната вредност на недвижноста.
Неа ја утврдуваат проценители вработени во локалната самоуправа или овластени проценители ангажирани од општината. Процената се врши според утврдена методологија.
Новите основи треба да бидат поблиски до цените по кои становите, куќите и земјиштето навистина се продаваат на пазарот.
Тоа значи дека повисоката проценета вредност на имотот може да донесе и повисок годишен данок.
Центар и Карпош први ги очекуваат новите решенија
Поголем број скопјани на почетокот на месецот електронски ги добиле решенијата за данок на имот за 2026 година. Кај нив износите засега останале исти како во претходните години.
Исклучок се жителите на Центар и Карпош. Нивните решенија треба да бидат доставени по завршувањето на новата процена на имотите.
Сè уште не може однапред да се утврди за колку ќе се зголеми данокот за секој сопственик. Износот ќе зависи од локацијата, зоната, површината, староста, состојбата и новоутврдената пазарна вредност на конкретниот имот.






