СЕ СПРЕМА ЛИ ДУИ ЗА ИЗБОРИ ГОДИНАВА?
15/03/2023 11:33Изјавите на Артан Груби и Бујар Османи, првенците на ДУИ, како едни од најистурените и најдоверливи луѓе на незаменливиот лидер Али Ахмети, се пуштени во нешто, што се вика предизборна реторика. Од позиција на прв вицепремиер и министер за надворешни работи, овие двајца високи државни и партиски функционери, користат реторика, која во најмала рака е невкусна.
Меѓу другото, Бујар Османи на средба во Чаир со симпатизери на ДУИ, кажа дека „за неколку месеци“ ќе довиеме прв Албанец премиер во Македонија, а Артан Груби синоќа гостуваше во косовската телевизија „Дукаѓини“, при што кажа исто така дека Македонија ќе добие премиер Албанец.
Груби кажа дека тоа се договориле во 2020 година, при составување на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, потпишана од Зоран Заев и Али Ахмети.
На прашањето дали тој ќе биде првиот премиер Албанец, Груби рече дека нема таква амбиција, но дека сака народот да го памети по реализацијата на коридорите 8 и 10-д, како и за патот Скопје-Блаце.
– Ковачевски на првата средба пред да биде избран, на која беше и Заев, вети дека ќе важи истиот договор што беше постигнат со Ахмети и се ракувавме. Тој рече дека во последните 100 дена, Албанец или Албанка ќе биде премиер на Македонија, кажа Груби.
Секогаш, предизборно, ДУИ прибегнува кон националистичка реторика,како најсигурен приод кон подигнување на меѓуетничките тензии и хомогенизација на нивното гласачко тело.






