MKinformer

your daily dose of news

Од понеделник Велигденскиот пост: Подготовка за Воскресението и духовно обновување

01/03/2025 10:51

Од понеделник, ден по Прочка, започнува Велигденскиот пост, кој е посветен за подготовка и во чест на Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

Велигденскиот пост трае 7 недели, или 48 дена, од Прочка до Велигден. Сепак, се нарекува Четириесетница бидејќи по 40 дена пост, продолжува последната седмица – Страстната седмица, која се карактеризира со строг пост и се однесува на деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа.

Постот е време за соединување со Бога преку Причестување, Заедничарење и Благодарење – Евхаристија.

Целите на Велигденскиот пост се две:

  1. Крстените да се подготват за Велигден и Воскресението Христово – празникот кој е основа на христијанската вера.
  2. Да се подготват оние кои ќе бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот се поучувале во верата и христијанскиот живот.

Начин на постење и исхрана

Постот е на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува употреба на масло (зејтин) и вино. Масло и вино се дозволени и на празници како што се Упокоението на свети Кирил Солунски, Наоѓањето на главата на свети Јован Крстител и други. Масло се дозволува и на „преполовение“ на постот, како и на Велики Четврток поради Тајната вечер.

Риба може да се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дена – понеделник, вторник и среда – се посветени на строг пост, но не е обврска за сите. Оние кои доброволно избрале да постат, по Литургијата на среда ќе вкусат една лажичка светена вода, а потоа ќе примат Причест.

Велигденскиот пост е најстрога форма на постење, што значи воздржување и од храна и од грев. Во текот на постот се поттикнува духовно издигнување преку повеќе молитви и добри дела, како и покајание и промена на животот.

Препораки за христијанскиот живот во текот на постот

Постот не е само воздржување од храна, туку е и време на духовна будност. Кога постиш, треба да избегнуваш осудување, завист, неправда и да помагаш на ближните. Постот не значи само нејадење месо, туку и духовно излекување.

Во овие денови е време за покајание, молитва и подвизи. Тие се неразделно поврзани со молитви, читање на духовни книги, добри дела и учество на богослужби. Постот е најдобар период за вежбање во добродетелите и изградба на христијанскиот начин на живот.

Духовниот пост подразбира воздржување од лоши мисли, зборови и дела. Тоа е време кога треба да се одрекнеме од нашите страсти, лоши навики и пороци – да се воздржиме од премногу телевизија, гнев, алкохол, пушење и секој вид на злосторства. Постот нè учи да мислиме повеќе за духовното отколку за телесното, да се грижиме за душата повеќе отколку за телото.

error: Содржината е заштитена од копирање !!