Кривична пријава за 10 полициски службеници по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани
16/04/2025 17:58
Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против десет полициски службеници од Кочани и Штип поради сомнение за непостапување според мерките за заштита и непотполна проверка пред издавањето на лиценца за работа на кабарето „Пулс“, каде што во трагичен пожар пред еден месец животот го загубија 61 лице.
Според информациите од МВР, службените лица на Министерството за економија доставиле лажни уверувања дека објектот поседувал соодветна противпожарна документација и дека нема пречки за издавање лиценца од аспект на јавен ред, мир и сообраќај.
„Службените лица му овозможиле на правното лице ДПТТУ ‘Класик ДМ’ ДООЕЛ Кочани да добие лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре ‘Пулс’, без да постапат согласно прописите за заштита и без да спроведат целосна проверка. Со тоа предизвикале сериозна опасност по животот и телото на луѓето кои се собирале на тоа место“, информираат од МВР.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) соопштија дека истрагата за пожарот е проширена. Обвинителството побарало мерки за претпазливост за седуммина од осомничените, додека тројца веќе се наоѓаат во притвор, а по уште едно лице се трага.
„Постои основано сомнение дека во периодот од 7 декември 2012 година до 21 јануари 2022 година, осомничените, како соизвршители, сториле кривично дело – Тешки дела против општата сигурност“, наведуваат од ОЈО.
Истрагата досега опфатила повеќе од 60 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на дискотеката, поранешни и сегашни градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, директори на Државниот пазарен инспекторат и полициски службеници.






