MKinformer

your daily dose of news

3 Мај – Светски ден на слободата на медиумите

03/05/2025 9:50

На 3 мај се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите – повод да се актуелизираат прашањата за условите во кои новинарите ја извршуваат својата работа. Според Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), новинарите не се борат само за вистината, туку и за своите основни права, достоинствени услови за работа и лична безбедност.

По тој повод, ССНМ излезе со податоци кои уште еднаш го потврдуваат предизвикувачкиот амбиент во медиумскиот сектор. Според нив, најголем дел од новинарите и медиумските работници во земјава работат во несигурни услови, со ниски приходи, нестабилни договори, под постојан притисок и во атмосфера на автоцензура.

Дополнителна закана за професијата, велат од ССНМ, е сè поголемото влијание на вештачката интелигенција, која иако е веќе присутна во новинарството, сè уште не се третира со потребната сериозност, поради бројните други структурни проблеми во медиумите.

Според нивната анализа, во медиумскиот сектор во Македонија се вработени околу 2.100 луѓе на вкупно 3.146 позиции. Повеќе од половината новинари и дури 70% од медиумските работници имаат плати пониски од националниот просек.

Ситуацијата е особено тешка во онлајн медиумите, каде што од околу 700 вработени, само 39,1% се во редовен работен однос. Во локалните медиуми, речиси две третини од вработените се ангажирани хонорарно.

Дополнително, околу една четвртина од граѓаните во земјава живеат во т.н. медиумски пустини – региони каде што речиси и да нема локални медиуми или проверени извори на информации.

ССНМ предупредува дека без силно и професионално новинарство нема демократски развој и истакнува дека само економски стабилни новинари можат објективно да информираат и да го штитат јавниот интерес.

error: Содржината е заштитена од копирање !!