ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ ВО СУДОТ ДЕНЕС ЗА УБИСТВАТА НА ВАЊА И ПАНЧЕ
09/06/2025 9:50
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за двојното убиство што ја потресе јавноста – убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На денешното рочиште, Обвинителството треба да ги презентира своите завршни зборови.
Судскиот процес, кој започна во септември 2024 година, сега влегува во својата завршна фаза, откако на претходното рочиште беше заклучена доказната постапка. Во текот на процесот беа сослушани десетици сведоци, меѓу кои членови на семејствата на жртвите, инспектори, службени лица, но и соработници и познаници на главниот обвинет, Љупчо Палевски.
Обвинителството претстави и низа материјални докази – видео-снимки, електронска комуникација и предмети поврзани со местата на двата злосторства. Обвинетите, вклучувајќи го и Палевски, се изјаснија за невини, а првообвинетиот постојано тврдеше дека се работи за политички мотивиран и монтиран случај.
Според обвинението, Палевски заедно со Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски организирале и извршиле киднапирање на 14-годишната Вања со цел да изнудат откуп од нејзиното семејство. Панче Жежовски, пак, бил грабнат со намера да се одземе неговото возило „ситроен“, кое подоцна било користено за киднапирањето во Скопје.
И двете жртви беа пријавени за исчезнати кон крајот на ноември 2023 година, а на 3 декември нивните тела беа пронајдени – Вања во близина на Скопје, а Панче во околината на Велес.
Случајот предизвика огромна јавна реакција, а завршните зборови на обвинителството денеска ќе го одбележат финишот на едно од најсериозните судења во поновата македонска историја.



