Уапсен струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов – осомничен за финансиски злоупотреби од 15 милиони евра
09/06/2025 10:38
Рано утринава, по налог на јавен обвинител, полицијата го уапси бизнисменот Ристо Крмзов, кој долго време се поврзуваше со бизнис-сцената, но и со политички кругови блиски до поранешната владејачка гарнитура. Апсењето доаѓа откако против него беше отворена истрага, при што претходно беа извршени претреси и беше одземена деловна документација.
Според информациите што неодамна ги сподели премиерот Христијан Мицкоски на новинарски брифинг, Крмзов се товари за злоупотреби во висина од околу 15 милиони евра, а, како што рече, шемата води и до политички функционери.
Името на Крмзов со години се поврзуваше со неколку контроверзни случаи, како што се случајот со пропаста на Еуростандард банка, експлоатацијата на јаглен во РЕК Битола, познатиот предмет „Синџир“, шверц на брендирана облека и сомнителни поврати на ДДВ. Сите овие афери беа тема на интерес од медиумите и опозицијата, особено од ВМРО-ДПМНЕ, која директно или индиректно го поврзуваше со семејството Заев.
Опозициската партија тврдеше дека Крмзов е близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев, нарекувајќи го неговиот хотел „Вила Парк“ во Струмица „омиленото место за рекет на фамилијата Заеви“.
Во телевизиската емисија „Код“, Крмзов откри дека неговите правни проблеми започнале кон крајот на 2023 година, кога Управата за јавни приходи иницирала контроли во неговите фирми. Тој тврди дека контролите намерно биле одложувани, со цел државата да избегне обврски кон неговите компании. Тогашната директорка на УЈП, Сања Лукаревска – сега пратеничка од редовите на СДСМ – беше на чело на институцијата.
„Работам веќе 31 година, од 1993 сум во бизнисот. Целата оваа хајка почна додека СДСМ беше на власт. Некои локални моќници мислат дека државата е нивна и користат инфилтрирани податоци за да ме прикажат како криминалец. Ќе се покаже дали е така“, изјави Крмзов во своја одбрана.






