ЛЕВИЦА: Израел со ескалација на Блискиот Исток – Македонија во ОН против напорите за мир
14/06/2025 11:00
Левица изразува длабока загриженост и резигнација кон последниот развој на настаните на Блискиот Исток, каде ова утро Израел изврши масовен воздушен напад врз Иран. Оваа отворена агресија е грубо прекршување на меѓународното право и уште еден во низа случаи на воена ескалација покрај напорите за дипломатски дијалог.
Во исто време, огромно мнозинство држави во ООН усвоија повик за итен прекин на огнот во Газа, поздравен со громогласен аплауз во салата. Македонија, повторно, се воздржа. Владата и нејзините челници се бескрајни лицемери и мали, сервилни државници кои се впишуваат пред сѐ себе, а потоа и сите нас, во најсрамните страници на историјата – поддржувајќи геноцид експлицитно, спротивно на речиси целиот свет.
Мицкоски да се изјасни зошто излажа дека неговата Влада е за решението со две држави додека неговото мнозинство го блокира носењето декларација за признавање на државата Палестина, а потоа и Муцунски за тоа што ја прекинуваме праксата на гласање заедно со европскиот блок баш на ваков најгрозоморен начин? Дали ќе следи прекин и на традиционалното гласање на Македонија по други точки на Генералното Собрание на ООН, поради желбата на Мицкоски да се експлицира како најверен слуга на најмрачните империјални интереси?
Македонскиот народ не сака неговите државници да бидат тапанари на војната и противници на мирот – македонскиот народ сочувствува со страдањата на Палестинците, како и на сите останати угнетени народи во светот.
Спротивно на јавното мнение во Република Македонија, ниту една парламентарна партија не ја осуди досегашната окупација на палестинските територии, ниту денешната агресија.
Македонија мора веднаш:
– Да го признае суверенитетот на Палестина
– Да ја осуди агресијата врз Иран
– Да го повлече амбасадорот во ОН кој срамно се воздржа
Левица ќе остане гласот на солидарноста со угнетените народи и барикада против лицемерната надворешна политика, водена по туѓ диктат, која може да не втурне во туѓи војни.





