MKinformer

your daily dose of news

Почна со снимање новиот македонски филм „ПОТСТАНАР“

17/06/2025 2:17

На 15 јуни 2025 започна снимањето на првиот долгометражен игран филм на режисерот Марко Ѓоковиќ, со работен наслов „Потстанар“, во продукција на Сектор Филм. Сценариото е напишано од Ѓоковиќ и бугарскиот сценарист Симеон Венциславов. Снимањето ќе се одвива на различни локации низ Скопје во наредните недели.

„Потстанар“ е психолошка драма базирана на драмскиот текст „Владимир“ од словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ. Филмот ја раскажува приказната за тројца пријатели чие заедничко живеење се менува драстично кога откриваат дека нивниот нов цимер, зад својата шармантност, крие манипулативна природа. Конфликтот кој настанува во нивниот затворен простор прераснува во борба за лична слобода.

Главните улоги ги толкуваат младите македонски актери Ана Јовановска, Илија Волчевски и Хакан Даци, како и реномираниот актер од БиХ, Албан Укај, познат по улогата во „Lorna’s Silence“ на браќата Дарден. Во актерската екипа се вклучени и Николина Кујача, Камка Тоциновски, Софија Куновска, Борис Дамовски, Адем Карага, Стефанија Начевска и други.

Проектот е копродукција меѓу Сектор Филм, српските компании Mir Media Group и Living Pictures, како и црногорската Parangal Film, со поддршка од филмските центри на Македонија, Србија и Црна Гора.

Тимот што стои зад продукцијата вклучува:

  • Александар Крстевски (директор на фотографија)

  • Сашо Блажевски (сценограф)

  • Розе Трајческа (костимограф)

  • Снежана Ангеловска Живковска (шминка)

  • Дејан Михајловски (звук)

  • Милка Анчевска (кастинг директор)

Продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, а копродуценти Александар Протиќ, Димче Стојановски, Стефан Орландиќ Стојановски и Маја Кецојевиќ.

error: Содржината е заштитена од копирање !!