MKinformer

your daily dose of news

Драмскиот театар се прости од доајенката на македонското глумиште, Ленче Делова

19/02/2026 18:09

Во присуство на семејството, бројни колеги, пријатели и почитувачи, во Драмски театар-Скопје денеска се одржа комеморација за истакнатата актерка Ленче Делова, која зад себе остави богато и трајно културно наследство.

Родена на 15 јуни 1948 година, Делова станува професионална актерка на само 16 години. Првпат настапува во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во тогаш новата зграда на Драмскиот театар, каде што останува сè до пензионирањето во 2004 година.

Во својата матична куќа одигра 63 улоги, меѓу кои се вбројуваат значајни остварувања како Офелија во „Хамлет“, Марина во „Вујко Вања“, Мама во „Мачка на вжештен лимен покрив“, Трајанка во „Ни ќар, ни зијан“ и многу други. Нејзиниот сценски израз се одликуваше со психолошка суптилност, топлина и природност.

Покрај театарот, Делова беше препознатливо лице и на телевизија, со улоги во емисии и серии како „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Во светот на бајките“ и други, како и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.

За улогата на Офелија ја доби наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 1978 година. На МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2006 година ѝ беше доделена награда за животно дело, а во 1996 година награда за најдобро актерско остварување.

Телеграми со сочувство пристигнаа од државниот врв и од повеќе театри. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека Делова оставила „неизбришлива трага во современата македонска култура“, додека министерот Зоран Љутков ја опиша како доајен на македонското глумиште.

Од Македонски народен театар, Албанскиот театар-Скопје и Театарот за деца и младинци упатија пораки за нејзината уметничка посветеност и човечка топлина.

На комеморацијата се обратија актерот Благоја Чоревски и директорот на Драмскиот театар Роберт Вељановски, кој повика присутните со долг аплауз да ѝ оддадат последна почит.

Македонската културна јавност се прости од уметница која повеќе од четири децении беше дел од сцената и остави траен белег во театарот, филмот и телевизијата. Ленче Делова беше погребана во присуство на семејството, колегите и бројни почитувачи на нејзиното дело.

error: Содржината е заштитена од копирање !!