Денес ИК на ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучува за кандидати за градоначалници
06/07/2025 8:46
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска напладне ќе одржи состанок на кој се очекува да биде избран кандидатот за градоначалник на Скопје за претстојните локални избори. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на прес-конференција во петокот изјави дека очекувањата за победа се големи, базирани на позитивни резултати од анкетите.
Во врска со шпекулациите дека Орце Ѓорѓиевски ќе добие поддршка за Скопје, Перински изјави дека треба да се почека исходот од состанокот, но нагласи дека секој кандидат поддржан од партијата ќе ја има и неговата целосна поддршка, особено во текот на кампањата.
На 28 мај партијата веќе утврди 25 кандидати за градоначалници, а во јуни беа додадени уште осум. Меѓу повторно предложените се градоначалниците на Битола, Кавадарци, Охрид, Велес, Штип и Гевгелија, како и неколку од скопските општини.
Пратеникот Антонијо Милошоски најави дека најголем дел од кандидатите ќе бидат објавени до крајот на јули, а за некои општини сè уште се водат разговори со партијата ЗНАМ.





