УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност
08/07/2025 17:45
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-документот усвоен во рамки на годинашната 47. Сесија што се одржува во Париз бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни богатства во опасност.
Во документот се изразува сериозна загриженост поради продолжената деградација на уникатните вредности на регионот, кои се основа за неговиот статус на заштитено наследство. Се констатира дека препораките од мониторинг мисија спроведена минатата година не се имплементирани и дека државата, институциите и локалните власти покажале несоодветен однос кон заштитата на природното и културното наследство во регионот.
Инаку, се бара суспендирање на измените на деталните урбанистички планови, изработка на генерален урбанистички план за Охрид и Струга, изработка на стратешка еколошка проценка и систематска проценка на негативното влијание на нелегалните градби, со одлуки за нивно отстранување или ублажување на последиците.
Особено се истакнува потребата од итна забрана за понатамошни градежни активности околу Студенчишкото Блато и хотелскиот комплекс „Горица 3“, сè додека не се спроведат детални проценки на влијанието.
Најголем дел од точките кои се забелешки од УНЕСКО се одесуваат на Албанија. Четири од петте забелешки (4, 6, 7 и 8) се однесуваат на нашиот сосед. Што се однесува за Македонија, УНЕКО во точката под број 9 ни забележува и бара измена на деталните Урбанистички планови и рушење на дивоградби.
Овој проблем и тоа како е под лупа на Владата па така на официјалниот сајт на Бирото за јавни јабавки има отворена постапка преку која Министерството за транспорт и врски бара Набавка на услуги за присилно административно извршување на правосилни извршни управни акти и рушење на објекти.
Инаку во документот се повикуваат Македонија и Албанија да работат на зајакнување на прекуграничниот дијалог, и на високо институционално и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и одржливо управување со регионот.






