MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски: Не може да биде праведна војна во која кукавички се убиваат припадници на безбедносните сили

11/08/2025 19:34

Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше на изјавата на неговиот коалициски партнер од ВРЕДИ, Изет Меџити, кој неодамна ја нарече војната на УЧК „праведна, разумна и чиста“.

– Не може да биде разумна и праведна војна во која од заседа, кукавички, се убиваат припадници на полицијата и армијата. Тоа не може да биде чесна војна, барем не во Македонија – изјави Мицкоски, додавајќи дека ваквите теми се дел од минатото и се затворени со Охридскиот рамковен договор и законските измени за правична застапеност.

Тој ги повика, како што рече, „разумните политичари“ да не ја следат политиката на поделби на ДУИ и да не ги отвораат повторно старите конфликти, туку да се насочат кон иднината и економскиот развој на државата.

– Нашиот фокус е иднината, инвестициите и подобрувањето на квалитетот на живот на сите граѓани. Политичарите кои живеат во минатото немаат визија за иднината – порача премиерот.

Изјавата на Мицкоски следува откако Меџити, кој е и вицепремиер и кандидат за градоначалник на Чаир, на социјалните мрежи изрази поддршка на протест во Приштина организиран од Здружението на воени ветерани на УЧК и ОВК, наведувајќи дека нивната борба била „праведна, разумна и чиста“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!