Нови инциденти на протестите во Србија, демантирани шпекулациите за повредено дете, на кое му откажуваат бубрезите
17/08/2025 12:20
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека и синоќа дошло до „драстично нарушување на јавниот ред и мир“, придружено со „брутални напади врз полицијата“, палење и демолирање на објекти на државни институции и политички партии. Според него, повреден е еден припадник на Жандармеријата, а уапсени се 18 лица.
Најголеми инциденти имало во Ваљево, Белград и Нови Сад, каде што јавниот ред сега е воспоставен. Во Ваљево, каде присуствувале околу 4.000 луѓе, биле запалени просториите на Српската напредна партија и оштетени градската управа, Судот и Обвинителството. Во Белград, пак, околу 1.300 демонстранти, кои според Дачиќ биле „многу агресивни“, ја гаѓале полицијата со шишиња наполнети со запаллива течност и со пушките за пејнтбол. Во Нови Сад се собрале околу 500 лица. Дачиќ нагласи дека насилството нема да се толерира и дека сите прекршители на законот ќе бидат санкционирани.
Паралелно, во јавноста се појавија шпекулации дека во Ваљево на протестите било тешко повредено 16-годишно дете, на кое му откажале бубрезите. Министерот за здравство, Златибор Лончар, категорично ги демантираше овие информации, наведувајќи дека во ваљевската болница биле примени четворица млади лица, но ниту едно со тешки повреди. „Сите се во стабилна состојба и ќе бидат пуштени дома денес или најдоцна утре,“ изјави Лончар.
Тој оцени дека станува збор за намерно пласирани дезинформации кои имаат за цел да создадат страв кај јавноста, најавувајќи кривични пријави за оние што шират лажни вести. „Граѓаните мора да знаат дека содржините од медиуми како Н1, Данас, Нова С и Време се ништо друго освен фабрикувани приказни,“ додаде Лончар, повикувајќи децата да не се злоупотребуваат за политички цели.





