Невремето направи хаос во Скопје: 10 повредени, 117 оштетени возила и 189 паднати дрва
22/07/2026 7:14
Краткото, но силно невреме предизвика големи материјални штети во Скопје и повеќе други делови од земјата.
Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи, до 22 часот во Скопје биле пријавени 10 повредени лица.
Дополнително, биле евидентирани 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви и 189 паднати дрва.
Во првичната информација беше наведена бројка од 15 повредени. Сепак, во официјалното соопштение на МВР се наведуваат 10 повредени лица.
Оштетени семафори и избувнале пет пожари
Невремето оштетило и седум семафори, додека на територијата на Скопје биле пријавени пет пожари.
Полицијата и другите надлежни служби биле ангажирани на обезбедување на критичните локации и расчистување на последиците.
Најголемиот број пријави биле поврзани со паднати дрва, оштетени автомобили и покривни конструкции.
Штети на повеќе важни државни објекти
Силниот ветер оштетил и повеќе објекти од витално значење.
Меѓу нив се објектот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и комплексот „Вили Водно“.
Оштетувања биле пријавени и во Аеродромската полициска база Петровец и објектот „Нова Македонија“.
Погодени биле и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Прекин на скопскиот аеродром
На граничниот премин на Меѓународниот аеродром Скопје дошло до протекување на покривот.
Поради тоа, околу час и половина бил прекинат излезот од државата.
По санирањето на проблемот, работата продолжила.
Штети и во Куманово, Тетово и Штип
На подрачјето на СВР Куманово биле пријавени девет оштетени возила и три покриви.
Во тетовскиот регион биле оштетени три возила и два покрива. Во Гостивар немало пријавени повредени лица или материјални штети.
Во велешкиот регион две возила биле оштетени од паднати дрвја.
На подрачјето на СВР Штип биле пријавени 14 оштетени возила и шест покривни конструкции.
Паднати електрични столбови во Струмичко
Во селата Доброшинци и Градошорци биле пријавени паднати електрични столбови.
Во селото Свидовица дошло до прекин на снабдувањето со електрична енергија.
Во Битолскиот Регион немало поголеми последици. Во Македонски Брод бил забележан краткотраен силен ветер без пријавени штети.
Оштетен и Транзитниот центар Табановце
Во Транзитниот центар Табановце биле оштетени дел од шаторите и помошните објекти за сместување мигранти.
Биле пријавени и паднати дрвја, но без дополнителна материјална штета.
Надлежните екипи продолжуваат со расчистување на теренот и евидентирање на последиците од невремето.






