Вучиќ: Состојбата на Ивица Дачиќ е малку подобра, но и натаму критична
26/02/2026 10:42
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, утрово е малку подобра, но и понатаму сериозна.
Вучиќ го посетил Дачиќ рано изутрина, пред да замине во официјална посета на Казахстан, по што преку Инстаграм од авионот објави дека лекарите забележале благо подобрување.
„Го посетив Ивица утрово и Дачиќ е подобро, тоа е добра вест. Секако, претпазливоста и понатаму е неопходна и ништо не е извесно, но подобро е, на радост на неговото семејство и на сите луѓе кои го сакаат“, изјави Вучиќ во аудио порака објавена на социјалните мрежи.
Потпретседателот на Владата на Србија и лидер на Социјалистичката партија на Србија беше хоспитализиран вчера на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот центар на Србија поради тешко воспаление на белите дробови.
Помошник-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, синоќа изјави дека состојбата е многу тешка и дека Дачиќ има тешка пневмонија. Според него, наредните 72 часа ќе бидат клучни.
„Моментално е на механичка вентилација – респиратор. Го добива сето она што е потребно, сите лекови и терапијата. Со респираторот купуваме време за лековите да делуваат и се бориме за неговиот живот“, изјави Попевиќ, додавајќи дека не може да се даваат прогнози.
Ивица Дачиќ итно хоспитализиран: Српскиот министер со двојна пневмонија во тешка состојба?
Дачиќ бил хоспитализиран во 16:30 часот, а неговата здравствена состојба и натаму внимателно се следи од медицинските тимови.






