MKinformer

your daily dose of news

Виктор Димовски бара итна декласификација на документите за наводното прислушкување

02/09/2025 10:51

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, преку свој фејсбук статус реагираше на вчерашните изјави на премиерот и актуелниот директор на АНБ, кои упатија сериозни обвинувања за злоупотреба на државни ресурси за нелегално прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата (сега премиер), како и на бизнисмени и новинари.

Димовски остро ги отфрли сомнежите дека во периодот кога тој ја раководел Агенцијата (2019–2022) опозиционерот бил таргетиран или ставен под оперативен интерес. Според него, не биле применувани никакви оперативно-технички мерки, а единствениот случај во кој АНБ имала постапка бил поврзан со проверка на безбедносни сертификати за пратеник осомничен за оддавање класифицирани информации, за што веќе била поднесена кривична пријава.

„Јавноста мора да знае кој барал и кој дозволувал наводни прислушкувања“, истакна Димовски, повикувајќи го актуелниот директор на АНБ веднаш да ги декласифицира сите документи поврзани со случајот. Тој предупреди дека не смее повторно да се злоупотребува изговорот за „државна тајна“ за прикривање на евентуални незаконски активности.

Овој статус отвора сериозни прашања за транспарентноста и одговорноста на АНБ. Наместо уверувања и полемики преку медиуми, јавноста бара јасни докази – кој иницирал, кој одобрувал и кој спроведувал вакви практики. Сѐ додека документите остануваат затворени зад печат „тајна“, сомнежите за злоупотреби во системот за национална безбедност само ќе растат.

error: Содржината е заштитена од копирање !!