„Зелен хуман град“ бара одговорност за пожарите: Зошто не се фатени сите потпалувачи и нарачатели?
26/09/2025 12:55
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ изрази загриженост поради недостигот на информации за апсење на сите одговорни за серијата пожари што го зафатија Скопје во последниот месец. Според нив, пожарите не се резултат на случајни инциденти, туку на организирани акции што сериозно го загрозуваат здравјето на граѓаните.
„Како вистински терористички напад“, велат од иницијативата, нагласувајќи дека загадениот воздух може да има долгорочни последици по здравјето, вклучувајќи белодробни заболувања, карциноми и инфертилност.
„Зарем се исцрпени државните капацитети за лоцирање на луѓе што директно убиваат скопјани со загаден воздух?“ прашуваат од „Зелен хуман град“, додавајќи дека се апсат само извршителите, а не и нарачателите на овие акти.
Тие исто така апелираат до Министерството за внатрешни работи да преземе построги мерки за превенција на идни пожари и да ги користи сите достапни ресурси за идентификување и привлекување на одговорните лица.






